Неколку часа по истекот на еднонеделното примирје меѓу Израел и палестинската група Хамас, Министерството за здравство соопшти дека 54 лица веќе биле убиени во израелските воздушни напади. Се шпекулира дека бројката е поголема од 54 лица, а според некои медиуми ова е над 100 лица.

Снимката на Ројтерс од болницата Насер, втората по големина во Појасот Газа, покажува постојан прилив на ранети луѓе кои сè уште пристигнуваат додека другите плачат надвор покрај телата на најблиските убиени во нападите.

Групите за помош и Обединетите нации велат дека неколку здравствени установи во опустошената енклава сè уште функционираат и дека не можат да се справат со новиот бран жртви.

„Болниците во Газа немаат основни материјали, персонал и гориво за да обезбедат примарна здравствена заштита во обемот што е потребен, а камоли безбедно да лекуваат итни случаи“, рече во четвртокот генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Газа имаше 2,3 милиони жители пред Израел да започне со бомбардирање и копнена инвазија како одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, во кој вооружените лица на групата убија 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници.

Палестинските здравствени власти, кои ОН ги сметаат за веродостојни, велат дека повеќе од 15.000 жители на Газа се потврдени убиени, а илјадници се исчезнати, кои се претпоставува дека се затрупани под урнатините. ОН велат дека до 80 отсто од населението можеби биле протерани од своите домови.

Роб Холден, висок претставник за итни случаи на СЗО, на истиот брифинг рече дека ја посетил болницата Ал Ахли во градот Газа во петокот наутро.

„Единствениот начин на кој можам да го опишам е како хорор филм кога ќе влезете таму“, рече тој, додавајќи дека на подот има „пациенти со најтрауматични повреди што можете да ги замислите“.

Претставниците на хуманитарната помош велат дека горивото е очајно потребно за да функционираат болниците, а ОН во петокот ја опиша воената акција како „катастрофална“.