Британскиот крал Чарлс денеска на климатскиот самит КОП28 во Дубаи ја изрази својата длабока загриженост дека светот е далеку од решавање на климатската криза.

Во своето обраќање, кралот Чарлс предупреди дека опстанокот на човештвото ќе биде загрозен доколку, како што наведе, „не се врати природната рамнотежа“.

Тој потсети дека учествувал на отворањето на самитот КОП21 во Париз, каде што беше усвоен важниот Париски договор и изрази очекување дека КОП28 ќе биде уште една клучна пресвртница кон вистинска акција во борбата против климатските промени.