Словачката дипломатија испрати јасна порака дека процесот на проширување мора да се води исклучиво според универзални правила и мерит-систем. Република Словачка категорично се спротивставува на воведувањето двојни критериуми во процесот на пристапување кон Европската Унија. Ова беше потенцирано за време на средбата меѓу шефовите на дипломатиите во Скопје.
„Република Словачка е против какви било двојни стандарди во пристапувањето кон Европската Унија. Не можеме да прифатиме европска интеграција заснована на европски стандарди да има различни критериуми за различни држави“, порача Бланар.
Словачкиот министер за надворешни и европски работи Јурај Бланар, при својата официјална посета на Македонија, ја повтори силната и конзистентна поддршка што Братислава му ја дава на Скопје на европскиот пат. Бланар нагласи дека Европската Унија мора да испрати јасен и недвосмислен сигнал до земјите од Западен Балкан дека полноправното членство претставува целосно реална и остварлива перспектива. Тој конкретно ја издвои земјава како успешен пример во реализацијата и имплементацијата на Планот за раст, подвлекувајќи ја суштинската важност од испорачување конкретни резултати за целиот регион.
Од своја страна, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја истакна вредноста на принципиелниот словачки став во овие клучни моменти. Тој ја потврди целосната посветеност на Владата на реформските процеси и европската агенда.
„Нашето очекување е јасно: процесот на европска интеграција да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а напредокот да се оценува според утврдените критериуми и стандарди“, истакна Муцунски.
Покрај процесот на интеграција, фокусот на разговорите беше насочен кон унапредување на севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Словачка. Заеднички беше констатирано дека политичките односи се на извонредно високо ниво, со изразен интерес за значајно продлабочување на економската соработка и отворање можности за нови словачки инвестиции во земјава. Посебно внимание двајцата соговорници посветија на трговската размена, директните странски вложувања, како и на потенцијалите за зајакнување на врските во сферата на образованието и културата. Муцунски упати благодарност и за постојаниот словачки ангажман за регионалната безбедност и стабилност.
