Судот во Кочани ги прифати сите барања на Обвинителството за трагедијата во Пулс

Судот во Кочани го прифати целосно барањето на Јавното обвинителство и им определи 30-дневен притвор на 24 од вкупно 27 осомничени лица во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој однесе 59 животи и предизвика национален потрес. Тројца осомничени се хоспитализирани и не се опфатени со мерката на овој чекор.

Обвинителството води истрага за системски пропусти и незаконски дејствија

Обвинителството вчера официјално ја отвори истрагата, наведувајќи дека верижни пропусти и свесно прекршување на законите од страна на одговорни и службени лица довеле до трагедијата во Пулс, објектот кој работел без целосна законска документација.

Меѓу оние на кои им е определен притвор се и сопствениците на дискотеката, организаторите на концертот, како и тројца градоначалници на Кочани: Љупчо Папазов, Николчо Илијев и Ратко Димитровски.

Посебна постапка против началници и командири за издавање на лиценца

Паралелно, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води одвоена истрага против седум лица – вклучувајќи началници, командири и други службени функционери, осомничени дека со соизвршителство овозможиле издавање на лиценца за работа на дискотеката „Пулс“, спротивно на законските услови.

Продолжен притвор и за дел од раководниот кадар

Претходно, продолжен 30-дневен притвор беше изречен и за Крешник Бектеши, Беким Хаџиу и други лица кои извршувале раководни функции  Сите се осомничени дека преку своите позиции дозволиле или прикривале неправилности што резултирале со катастрофалните последици на трагедијата во Пулс