Две лица од Пакистан добиле 30-дневен притвор за поради криумчарење на мигранти.
МВР информира дека вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против М.J.(33) и Р.З.(21), двајцата од Пакистан, за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“, предвидено и казниво по член 418-б став 2 од Кривичниот законик.
На 6 февруари годинава, во место викано „Свињарска фарма“, атар на с.Речица, кумановско, од страна на полициски службеници од Националната единица за спречување на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе во содејство со СВР Куманово и Регионалниот центар за гранични работи Север биле откриени 15 илегални мигранти од кои 12 лица од Индија, две лица од Пакистан и едно од Авганистан.
Врз основа на преземени мерки за расчистување на случајот, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, било утврдено дека две лица со потекло од Пакистан, кои биле дел од групата, се организатори на криумчарењето. Имено, со цел стекнување на противправна имотна корист, во улога на водичи, двете лица на 6 февруари 2022 година, илегално пренеле преку границата од Р.Србија до кумановско-липковскиот регион група од 13 илегални мигранти, со цел нивно понатамошно превезување до Р.Грција, со крајна дестинација државите на ЕУ – информираат од МВР.
Двете лица се приведени, а од страна на судија на претходна постапка им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.