Обвинителството во Краљево соопшти дека на тројцата уапсени косовски полицајци им е одреден притвор, јави дописникот на МИА од Белград.
Вишото јавно обвинителство во Краљево донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничените Б. С., Р. З. и М. Ш. поради постоење основи на сомнение дека сториле по едно кривично дело-недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи.
Според предлогот на јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Краљево, судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Краљево на сите осомничени им одреди мерка притвор.
Припадниците на специјалните единици на српската полиција уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија. Сите тројца биле вооружени со автоматско оружје, ГПС уреди, мапи и друга опрема.
Тројца косовски специјалци беа уапсени на длабочина од повеќе од еден километар на територијата на централна Србија. Тие се уапсени од припадници на антитерористичката група на специјалната полициска единица на МВР на Србија.
Тројцата припадници на косовската полиција со службено возило марка „дачија дастер“ дошле на алтернативниот премин Тресава-Батњик, го напуштиле возилото и продолжиле пеш по патот Орахово-Гњилица, каде биле лоцирани и приведени.
Местото на апсење се наоѓа во атарот на селото Гњилица, општина Рашка, на длабочина од повеќе од еден километар на територијата на централна Србија.