Еден 51-годишник е приведен по вчерашната потрага по пријава за противправно лишување од слобода на 36 годишна жена, информира денеска СВР Тетово.
Вчера, петок – 4 август околу 20 часот и 30 минути во тетовското село Палатица, полициски службеници од ОВР Гостивар ја пронашле М.К.(36) од Данска за која претходно е добиена пријава дека против нејзина волја е задржана во Гостивар.
-Според пријавеното, тоа било организирано од нејзиното поранешно момче и други лица од Данска. По преземени мерки и активности, бил лишен од слобода Ќ.З. (51) од тетовско Камењане и по извршениот службен разговор од страна на Јавен обвинител од Основно Јавно Обвинителство Гостивар и по негови насоки, против Ќ.З. ќе биде поднесена кривична пријава согласно член 140 ст 1 од Кривичниот законик и истиот по брза постапка ќе биде изведен пред судија во претходна постапка, соопштија од канцеларијата за односи со јавноста при СВР Тетово.
Според член 140 од Кривичен законик претставува Противправно лишување од слобода при што тој што друг противправно ќе затвори, ќе го држи затворен или на друг начин ќе му ја одземе или ограничи слободата на движење, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Ако делото е сторено при вршење семејно насилство, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.