Основното јавно обвинителство Скопје е известено од Министерството за внатрешни работи дека во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во кривично-правниот настан – убиство кај Трговскиот центар „Мавровка“.

Во тек се вештачењата на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот.

-Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување, велат од обвинителство.

За овој кривично-правен настан, Основното јавно обвинителство Скопје претходно поведе истрага против едно лице, кое се гони за кривични дела – убиство, обид за убиство и недозволено поседување оружје и на кое по предлог на јавниот обвинител му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.