Финансиската полиција постапуваше по наредба на Обвинителството
Синоќа и утрово во Прилеп беа извршени приведувања на повеќе од десет лица поврзани со истрагата за финансиското работење на Општата болница. Според информациите од институциите, денеска приведените ќе бидат спроведени пред Судот во Прилеп.
Управата за финансиска полиција започна со акцијата вчера, постапувајќи според наредби и насоки од Основното јавно обвинителство во Прилеп. Во рамките на контролата се преземени конкретни дејствија за наводни злоупотреби во работењето на болницата, кои се предмет на предистражна постапка од април годинава.
Сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластување
Според Обвинителството, истрагата се однесува на кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ поврзано со финансиското работење на болницата. Претходно беа извршени претреси на осум локации во Прилеп во рамките на постапката.
Сегашниот директор на Општата болница „Борка Талески“, Кире Јоноски, кој ја презеде функцијата во 2024 година, на повеќе прес-конференции посочи дека болницата ја наследил со долг од речиси 193 милиони денари и дека се забележани неправилности во финансиското работење.
Од Основното јавно обвинителство во Прилеп најавуваат дека подоцна денеска ќе објават дополнителни информации за текот на случајот.