Томас Маркл, таткото на Меган Маркл, сопругата на британскиот принц Хари, призна дека платил за сексуални услуги за време на својот престој на Филипините. Истовремено, осумдесет и двегодишниот Маркл категорично ги отфрла обвинувањата дека поседувал фотографии и видеоматеријали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.
Според наводите на британскиот весник „Сан“, полубратот на Меган, Томас Маркл помладиот, тврди дека во поранешниот дом на својот татко на Филипините пронашол контроверзни фотографии и снимки. Тој го пријавил случајот во локалната полиција, тврдејќи дека меѓу семејните материјали има и содржини со детска сексуална злоупотреба, а медиумот наведува дека во јули контактирал и со Федералното истражно биро (ФБИ). Филипинските надлежни власти соопштија дека ги проверуваат ваквите тврдења и водат истрага.
Во своето интервју за „Мејл он Сандеј“, Томас Маркл постариот целосно ги демантираше наводите за педофилија, нагласувајќи дека немал никакви недозволени дејствија со малолетници. Сепак, тој отворено потврди дека во периодот додека бил слободен патувал на Филипините најмалку двапати и таму користел платени сексуални услуги.
„Никогаш немав сексуални односи со лице под 18 години. Ми се допаѓаат азиските жени, но тоа не е кривично дело“, рече Маркл.
Тој појасни дека неговата здравствена состојба во моментот не му овозможува повторно да отпатува на Филипините, но изрази подготвеност за соработка со сите инволвирани органи.
„Моето здравје не ми дозволува да патувам на Филипините, но сум подготвен да разговарам со секој што сака. Немам што да кријам“, додаде тој.
Маркл во моментов е сместен во дом за стари лица во Сојузната Држава Флорида. Таму тој поминува низ рехабилитација и повторно учи да оди, откако во текот на 2025 година мораше да му биде ампутирана ногата за време на итна хируршка интервенција.
