Македонските транспортери ќе имаат доволно време за подготовка

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, соопшти дека преговорите за решавање на проблемите на македонските транспортери по воведувањето на ЕЕС системот за влез во Европската унија се во позитивна фаза. Тој посочи дека до 30 септември, кога системот треба да почне да се применува, има доволно време да се завршат сите неопходни процедури.

„Преговорите одат добро. Значи во делот на камиони и во делот на автобуси системот ќе почне да се применува од 30 септември. Значи веќе добивме одложување. Тоа е доволен период да се завршат сите процедури. Одиме на долгорочни визи. Швајцарија веќе ги воведе и веќе се издаваат. Во Хрватска законот е во Саборот. Очекуваме за неколку седмици да биде усвоен. Во Романија влезе во процедура. Во Унгарија добивме ветување при последната посета дека по завршување на изборите и формирање на Парламентот, исто така ќе влезе во процедура законот“, изјави Николоски по увидот во градежните работи на првата делница од „Градскиот воз“.

Планирани посети и решавање на главните рути

Николоски најави дека во втората половина на април македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе отпатува во Австрија, каде што решавањето на ова прашање ќе биде една од главните точки на средбите.

„Останува уште Германија и со тоа главните рути на македонските транспортери се решени. Сега како следната голема рута е Велика Британија, но имајќи предвид дека таа е надвор и од Европската унија и од Шенген зоната, таму има посебни правила кои што и досега се применуваа“, додаде Николоски.