ВМРО-ДПМНЕ обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, нема кредибилитет да зборува за јавното здравје, тврдејќи дека во периодот кога бил министер за здравство постоеле анализи кои укажувале на неисправност на водата за пиење во Гостивар.
Од партијата наведуваат дека микробиолошки анализи од ноември 2020 година, како и од февруари и март 2021 година, покажале дека водата не ги исполнувала законските критериуми за безбедност. Според соопштението, слични наоди биле евидентирани и во 2022 и 2023 година, кога повторно биле констатирани бактериски отстапувања.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека институциите во тоа време не презеле соодветни мерки, иако, како што наведуваат, постоеле индикации за неисправност на водата. Партијата ги повикува Филипче и тогашната власт да објаснат зошто не реагирале и зошто проблемот, според нив, не бил решен навреме.
Во соопштението се оценува дека актуелната состојба е последица на, како што велат, долгогодишна негрижа на претходните локални и централни власти, предводени од СДС, ДУИ и Арбен Таравари.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека здравјето на граѓаните мора да биде над политичките пресметки и дека, според нив, треба да се утврди одговорност за постапувањето на надлежните институции во изминатите години.
