Ахмети му порача на „огнениот“ Меџити дека, колку и да се лути, тој целосно стои во одбрана на министрите предводени од Артан Груби и ги предупреди „огнените“ со пропагандата против Груби да не ги прегази ураганот. Меџити му одговори дека повеќе не ги препознава ни ДУИ ни Ахмети, дека собирот во Чаир наликувал на митингот на ДПА од 2008 година кога Мендух Тачи најави „касапана“ и да не удира со ураганот по своите синови.
Груби и шефот на дипломатијата и назначен за координатор на чаирскиот огранок на партијата Бујар Османи, пак, со поклон до земја го величаа Ахмети како последен преродбеник на Албанците, мисионер и визионер.
Митингот што Груби го нарече „синиот океан“ според првиот вицепремиер, е потврда дека и Чаир, бастионот на „огнените“, и Скопје се на Ахмети. Ахмети пак, иако во обраќањето пред преполната сала „Шабан Трстена“ зборуваше за обединување и за помирување, на „огнените“ им порача дека нема да отстапи од одлуката на мнозинството, односно дека барањето за отчет од министрите е затворено прашање.
„Денеска се бара образование, квалитет и професионализам, затоа сум многу горд на тимот што го има ДУИ во Владата, а оваа гордост се зголемува кога добивам комплименти од меѓународни претставници за тоа колку добар имиџ имаме. Сите тие професионални кадри треба да ги поддржиме да ги покажат своите вештини, а не да ја задушиме ДУИ, затоа што имаме над 100.000 гласачи сега и во следните 20 години“, рече Ахмети и додаде дека патот кон ЕУ не се запира со пропаганда, „затоа Артан, ние не сме воз туку незапирлив ураган и не дозволувајте ураганот да ве прегази“.
Груби порача дека е потребно помирување и обединување, но и директно го прозва Меџити.
„Сите заедно ги згуснуваме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на малкумина. Чаир не е леб, Чаир и Скопје се на Али Ахмети. Само слабите се плашат од конкуренција. Ништо не почнало и нема да заврши ниту со мене, ниту со некој друг, само духот на Али Ахмети треба да биде вечен затоа што е најдобро за Албанците. Еден од нас кој денеска не е овде, пред 40 мажи и жени на Централното претседателство рече: Ако оваа влада го направи Коридорот 8, јас со две раце ќе гласам за Владата. Држете го зборот, го дадовте, знаете на кого мислам“, рече Груби.
Османи му се заблагодари на лидерот за довербата што му ја дал да биде координатор на чаирскиот огранок.
„Секој жител на Чаир ја почувствува топлата рака на Али Ахмети, инвестираше во образованието, во обука на кадри кои не прават горди, па ви благодариме Али Ахмети. Активистите од Чаир се лојални на вашите политики и мисии, визионерски политики кои секогаш триумфираат“, рече Османи.
Триумфалзмот кој министрите од ДУИ сакаа да го прикажат од собирот во Чаир не го дели Меџити. Тој за „Слободен печат“ вели дека административци и директори биле носени по наредба на собирот, дека активисти и функционери биле носени од повеќе градови и дека несфатливо е големото обезбедување кое било ангажирано за митингот.
„Европски фронт“ со заканувачки пораки дека ќе не згази воз, ураган ќе не покрие засекогаш, тоа е митинигот на ДУИ во Чаир. Наликува на митингот на ДПА од 2008 годна кога Тачи повика на „касапана“, само сега со амблемот на ДУИ. Жал ми е дека Ахмети и ДУИ се доведоа до ова дереџе. Цел месец подготвуваа митинг со звучни имиња од естрадата, со кампања „Тој доаѓа“ за да направат митинг без искрен аплауз и без енергија“, вели Меџити.
Поради заканувачките пораки на Ахмети и на Груби „огните “ стравуваат за својата безбедност бидејќи, како што велат, зборовите на лидерот се рефлектираат во базата. Тие потсетуваат дека во ДУИ имало физички ликвидации поради несоглаусвања во партијата. „Огните“ порачуваат дека тие остануваат ДУИ и дека Ахмети е на потег, нека ги исклучи од партијата, ако има храброст.