Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ја продолжи седницата за Предлогот за избор на судија на Уставниот суд.
Седницата на Комисијата вчера беше прекината на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески кој во процедурална забелешка оцени дека претседателката Марија Георгиевска ја свикала неделовнички. Мицески наведе дека поканата ја добиле во петокот но не им биле доставени материјали за точката од дневниот ред, иако деловнички така требало да постапува Георгиевска.
Тој ја праша Георгиевски во што е итноста во оваа точка, кога, како што рече, Уставен суд не е комплетиран повеќе од година дена.
-Во ситуација кога ништо не функционира во државата, зошто вие како претседател на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата преземате обврска која не е ваша? А тоа е неделовнички да свикувате седници. Во членот 7 од Деловникот на оваа Комисија се вели „седница на Комисијата се свикува по писмен пат, со покана за свикување на седници“. Став 2 од членот 7 вели „покана за седницата на Комисијата со предлог на дневниот ред и материјали што ќе се разгледуваат на седницата, како и записникот од претходната седница им се доставуваат на членовите на Комисијата осум дена пред денот на одржувањето на седницата, рече пратеникот Мицевски, најавувајќи дека и нивната пратеничка група има предлози за кандидати за нов член на Уставен суд и за кои, како што рече, ќе бараат и ќе инсистираат овој пат да бидат ставени на гласање и да се разгледуваат сите предлози.
Според Георгиевска, согласно Деловникот известени се членовите и замениците членови за одржувањето на Комисијата. Таа објасни дека добила информација дека има Предлог за утврдување предлог за избор на уставен судија за место кое што е испразнето и согласно тоа ја закажала седницата. Најави дека сите членови и заменици членови на Комисијата ќе им биде поделен материјалот.
Предлог за судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија од страна на партиите од власта е професорката на Правниот факултет Јадранка Дабовиќ.
Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари 2022 година.
Во Собранието е закажана и седница на Комисијата за економски прашања која треба да ги разгледа предложените дополнувања на Законот за минерални суровини, по скратена постапка.