Васев и колегите се товарат за тешки дела против здравјето на пациентите
Судењето против четворица онколози, меѓу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, продолжува денеска во Основниот кривичен суд Скопје.
Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска, за што нејзиниот адвокат достави медицинска документација и формално барање за одлагање. На обвинителна клупа тогаш седнаа првообвинетиот Васев и дватајцата онколози, Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.
Одбраната достави дополнителни докази со кои се спорат вештачењата на Обвинителството, а адвокатот на Васев побара исклучување на дел од доказите добиени од Словенија, тврдејќи дека вештакот Маја Радник нема официјален статус во таа земја. Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска оцени дека ваквите наводи се беспредметни, бидејќи обвинителниот акт веќе ја поминал фазата на оценка.
Судијката Снежана Марковска го прифати барањето за одлагање, со цел судот да се запознае со новите барања на одбраната.
Обвинението ги товари лекарите за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај тоа, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.