Потрагата по исчезнатата Вања Ѓорчевска влегува во четвртиот ден.
Како што вчера информираа од МВР, распишана е меѓународна потерница од страна на Интерпол.
Од полицијата велат дека за пронаоѓање на 14-годишното девојче е постапено веднаш, вклучени се целосните капацитети на полициските служби на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката и прегледани се камери. Податоците за исчезнатото девојче се ставени и на Стоп-листа на граничните премини.
Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’“, објави МВР.
Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели, ловечкото друштво и голем број граѓани.