Се додека не се изнајде решение, протестите на приватните автобуси ќе продолжат. Тоа го изјави Кемал Муриќ од „Слобода превоз“ за новинската агенција МИА.

Веќе неколку дена приватните превозници го изразуваат своето незадоволство од како што велат, неисплатениот долг на ЈСП, со блокирање на неколку сообраќајни точки во Скопје. Граѓаните револтирани, а сообраќајниот метеж во голема мера го отежнува нормалното функционирање и завршување на обврските на граѓаните.

Директорот на „Макекспрес превоз” Милорад Димитријевски вчера преку писмено соопштение рече дека претпријатието не е организатор на протестите и апелираше политичките партии да не ги злоупотребуваат превозниците за препукувања и поени.

-„Макекспрес превоз” не е организатор на протестите и не знаеме до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира. Апелираме политичките партии да не ги злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени, се вели во соопштението на Димитријевски.

Директорот на „Слобода превоз“, пак, Ленин Јовановски, вчера кажа дека „лично се повлекува“ од протестите бидејќи, како што истакна, неговото име се злоупотребувало во политички цели.

Приватните превозници стојат на ставот дека протестите ќе продолжат се додека не се исполнат нивните барања и не се исполни долгот што го бараат од Град Скопје – сума која изнесува над 90 милиони денари.