Индексот на цените за храна, кој ги следи месечните промени на петте основни прехранбени производи – млеко, месо, житарици, шеќер и растителни масла, во просек изнесуваше 127,4 поени во август, што е за 3,1 проценти повеќе од јули, а за дури 32,9 проценти повисоко во споредба со истиот месец во 2020-та година.
Цените на шеќерот пораснаа за 9,6 проценти минатиот месец во споредба со јули, во главно како последица на загриженоста која ја предизвика мразот кој ги оштети посевите во Бразил, најголемиот извозник на шеќер во светот.
Цените на растителните масла пораснаа за 6,7 проценти на меѓународниот пазар во август, при што цените на палминото масло се вратија на историско највисоко ниво поради континуираниот неуспех во однос на производствениот потенцијал, што резултираше со намалување на залихите во Малезија. Цените на маслото од репка и сончоглед исто така се зголемија.
Цените на производите од житните култури се зголемија во просек за 3,4 проценти во август во споредба со претходниот месец, додека цитатите на пченицата забележаа скок од 8,8 проценти поради предвидената послаба жетва во некои од поголеми извозни земји.
Спротивно на тоа, цените на пченката се намалија за 0,9 проценти, поради подобрите перспективи за принос во Аргентина, ЕУ и Украина, неутрализирајќи ги намалените прогнози за производство во Бразил и САД.
Глобалните цени на оризот продолжија да паѓаат. Меѓународните цени на месото малку поскапеа во извештајниот месец, поддржани од силните кинески набавки на овчо и говедско месо, како и солидната побарувачка за увоз во Источна Азија и Блискиот Исток за месо од живина.
Цените на свинското месо паднаа, поради понатамошниот пад на набавките во Кина и слабата домашна побарувачка во Европа.
Индексот на цените на млекото на ФАО благо опадна во август, главно поради падот на цитатите за млеко, предизвикани од слабата светска побарувачка за увоз и сезонскиот раст на можностите за извоз во Океанија, што го компензираше растот на цените на путерот и сирењето.