Министерот за економија Крешник Бектеши денеска треба да одржи уште еден онлајн состанок со својот бугарски колега околу цената за набавка на струјата, а в четврток со директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски и со директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи ќе ја посети Турција каде, како што најави, во фокусот ќе биде енергетиката.

Бектеши е оптимист дека со Бугарија ќе се постигне договор и за тоа, како што рече, гледа добра волја. Во однос на разговорите со Турција, пак, ако има нешто конкретно, ќе информира кога ќе се врати.

-Разговорите за цената за набавка на струја од Бугарија не се завршени. Гледам добра волја за постигнување договор што ќе биде во корист на двете земји. Зборуваме за технички работи, за заеднички да се справиме со енергетската криза. Политикантството е оставено на страна. В четврток заминуваме за Турција. Ќе се разговара главно во секторот енергетика. Дали ќе има нешто конкретно, ќе информираме откако ќе се вратиме, изјави Бектеши по вчерашната средба во ИВЗ.

Северна Македонија, нагласи министерот, никогаш не побарала да плати електрична енергија по цена на берзата.

-Веќе имаме договор со Грција, со Бугарија, со Србија и со Косово да нема застој во делот на пограничните капацитети што значи дека берзите се отворени и такви шпекулации во однос на тоа дека ќе има намалување за 15, 20, 30 отсто од берзанската цена се невистини. Разговарав со Стопанската комора, ние ги знаеме нивните очекувања и преговорите ги водиме согласно очекувањата на компаниите што се на слободен пазар и во делот на количините и во делот на цената. Што се однесува на тоа што е проблемот и зошто досега немаме договор со Бугарија веќе се најавени одредени мерки од страна на Европската комисија, што треба да ги реализира и Бугарија како членка на ЕУ. Чекаме кои ќе бидат мерките усогласени целосно со Европската комисија, со цел нашиот потенцијален договор да не се коси со такви мерки, рече Бектеши.

Тој потсети на најавата од Европската комисија дека може да има замрзнување на цената на електрична енергија од 180 евра и порача, алудирајќи на опозицијата, да не се креира паника и да не се лиферуваат погрешни информации.

– Кој би потпишал договор од страна на Владата кога самата Европска комисија може да донесе одлука за замрзнување на цената на електрична енергија од 180 евра? Далеку се пониски цените што ги бараме ние и тоа што е пренесено во јавноста. Ако се донесе да нема поголема цена од 180 евра во наредниот период во делот на електрична енергија во рамки на ЕУ, како може цената да биде 400 евра која би можеле ние да ја договараме? Тоа е вон логика. Имаше такви најави претходната недела, имаше такви предлози од страна на Фон дер Лајен и секако ние ги следиме тие случувања и ќе бидеме дел на тие мерки што ќе ги носи Европската комисија. Тоа е многу важно да се наведе, а дополнително на тоа ние ги знаеме очекувањата на нашето стопанство што е на слободен пазар, истакна Бектеши.

Министерот информира и дека нема најава за забрана за протокот на природен гас во земјава. Трговците, напомена, редовно ги снабдуваат индустриските капацитети со гас.

– Немам информација дека е запрен гасот за Северна Македонија. Имаме трговци кои редовно ги снабдуваат индустриските капацитети и другите потрошувачи со гас. Немаме никаква најава за забрана за проток на природен гас од интерконекторот што го имаме со Република Бугарија, рече Бектеши.

На прашањето дали ќе се склучи договор со „Макпетрол“ за набавка на природен гас, одговори дека за тоа треба да одлучи ЕСМ.

На 5 септември премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев се договорија да бидат извезени околу 200 мегават часови електрична енергија од Бугарија во Северна Македонија. Со Грција, пак, неодамна е договорено Северна Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут.

Поддршка за штедење струја од верските заедници

Министерот Бектеши вчера побара поддршка од верските заедници за штедење струја. Имаше средба со поглаварот на Исламската верска заедница (ИЗВ), реисот Шаќир Фетаху, а неделава се очекува да има состанок и со МПЦ. Секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ и МПЦ кон верниците за заштеда на струја, ќе биде голема поддршка, нагласи министерот, доидавајќи дека целта е да се намали потрошувачката и да се ослободат поголеми количини електрична енергија за индустријата.