Секторот за внатрешни работи Охрид, преку ОВР Кичево, поднесе кривична пријава против 68-годишниот З.С. од кичевското село Другово, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „насилство врз дете“, казниво по член 201 од Кривичниот законик.
Според полицијата, пријавениот, додека извршувал работни задачи како професор во средно училиште во Кичево, во училница физички нападнал малолетна ученичка која следела настава во истото училиште. Во нападот ученичката добила телесни повреди, кои биле констатирани од медицински лица во Општата болница во Кичево.
Инцидентот се случил на 21 мај, а откако девојчето било повредено, нејзиниот татко вечерта го пријавил случајот во полиција.
По преземените мерки и активности за расчистување на случајот и по обезбедувањето на потребните докази, против професорот е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство. Понатамошната постапка треба да ги утврди сите околности поврзани со настанот и евентуалната кривична одговорност на пријавениот.
За кривичното дело „насилство врз дете“, Кривичниот законик предвидува парична казна или затвор од шест месеци до три години.
