Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја почна седницата на чиј дневен ред е утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд за што има предлог тоа да биде професорката од Правниот факултет Јадранка Дабовиќ-Анастасовска. Седницата беше прекината откако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на почетокот во процедурална забелешка од претседателката на комисијата Марија Георгиевска побара да ја прекине оти, како што рече, неделовнички е свикана седницата. Тој потенцира дека поканата ја добиле во петокот, но не им биле доставени материјали за точката од дневниот ред.

„Во петокот во 17,38 часот добивме мејл на електронската пошта за свикување на 32.седница на Комисијата за избори и именувања. За седница го предлагате дневниот ред Утврдување предлог за избор на судија на Уставниот суд. Предлог за избор на судија сѐ уште немаме добиено, иако помина времето за почеток на седницата“, рече тој.

Мицевски ја праша Георгиевски да каже во што е итноста во оваа точка, кога, како што рече, Уставен суд не е комплетиран повеќе од една година. Тој најави дека и нивната пратеничка група има предлози за кандидати за нов член на Уставниот суд и за кои, како што рече, ќе бараат и ќе инсистираат овој пат да бидат ставени на гласање и да се разгледуваат сите предлози.

Георгиевска истакна дека согласно Деловникот известени се членовите и замениците членови за одржувањето на Комисијата. „Материјалите ќе ви бидат доставени на сите. Секако дека ми е јасно оти ви е потребно дополнително време за да го разгледувате предлого“т, рече таа порачувајќи им на членовите и замениците членови на Комисијата доколку имаат предлози за уставни судии биографиите на кандидатите да ги доставуваат до собраниските служби, рече Георгиевска.

Таа ја прекина седницата и информира дека со работа по истата ќе продолжат утре во 11 часот.

Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари 2022 година.