Прогласена е природна непогода од поплави и град во Делчево на денешната Вонредна седница во Општина Делчево. На Вонредната седница беше донесена Одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и Заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
При процена и утврдување на висината на штетата, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи. Проценетите штети, Комисијата ги евидентира на пропишани обрасци и табели согласно Методологија.
Комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на Делчево,соопштија од општината.
Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата.
За својата работа, Комисијата изработува Извештај за процената на штетите во вид на елаборат согласно Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и го доставуваат до Советот на Општина Делчево на разгледување и усвојување и до Владата на Република Северна Македонија. Ова Решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Делчево “.
Одржувањето на Вонредната седница на Советот на Општина Делчево е иницирано од невремето проследено со силни врнежи од дожд и град и поплави на објекти и на инфраструктурата коешто го зафати градот Делчево вчера во попладневните часови.
На Седницата претставници од сите надлежни институции информираа за преземените мерки и активности во насока на заштита на имотот на граѓаните, но и мерки кои се преземаат за санирање на штетите на индивидуалните и административните објекти од поплавите и од штетите на патната инфраструктура.