Производство и дистрибуција на детска порнографија

Секторот за компјутерски криминал при МВР поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје против 27-годишниот Ф.М. од Скопје за „Производство и дистрибуција на детска порнографија“, кривично дело предвидено и казниво по член 193-а став 3 од Кривичниот законик.

Постапката е отворена по добиена информација од германската полиција за спроведена истрага поврзана со сексуална злоупотреба на деца и дистрибуција на материјал со таква содржина. Во документите било наведено дека профил на апликацијата „Telegram“ со телефонски број и ИП адреса од Македонија е користен за вакви активности.

Секторот за компјутерски криминал презел мерки за прибирање на докази и го идентификувал корисникот. На 20 август 2025 година, по наредба од Основниот кривичен суд Скопје, бил извршен претрес во домот и помошните простории на осомничениот, како и пребарување и привремено одземање на компјутерски системи и податоци.

При претресот биле пронајдени и одземени предмети кои ќе послужат во понатамошната постапка.