Во сила од понеделник и намалување на три од шест месеци на потврдата за прележан Ковид-19 од февруари следната година, се двете нови мерки во Грција, а важат и за посетителите и туристите во земјата, потврди портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на денешниот редовен брифинг со новинарите.Со оглед на тоа дека пракса во Грција е сите мерки да важат за сите, без разлика дали се грчки државјани или туристи, истото ќе важи и сега, а според тоа и за македонските државјани за време на нивниот престој кај јужниот сосед.
За промените, дописничката на МИА од Атина, на денешниот редовен брифинг со новинарите побара одговор од портпаролот на грчката Влада, како во однос на мерката за лицата над 60 години и времетраењето на сертификатот, така и во однос на скратеното времетраење на потврдата за прележана болест и дали тоа ќе значи промена на предусловите за влез во земјата, со оглед на тоа дека е една од опциите за патување во Грција.
– Промените се однесуваат на сите кои се наоѓаат на грчка територија и за двете мерки. Во однос на навршувањето седум месеци за сограѓаните кои се над 60 годишна возраст и немаат примено бустер доза, без разлика дали се грчки граѓани или граѓани на други земји кои во нашата земја се наоѓаат од други причини, важи токму истото, нема да ги имаат привилегиите на вакцинираните. Во однос на потврдата за прележан Ковид-19, од 31 јануари, односно по 1 февруари, им даваме еден неопходен временски период за да се прилагодат и да имаат можност да се вакцинираат, ќе важат токму истите правила и за Грците и за граѓаните на други земји, објасни Иконому.
Последната министерската одлука со предусловите за влез во земјата, која предвидува задолжителен сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/рапид тест или потврда за прележан Ковид-19 во изминатите шест месеци, која воедно важи и за македонските државјани, беше објавена минатиот петок и во сила е до утре наутро.
Од понеделник, лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата, според Иконому, „нема да ги имаат привилегиите што ги имаат вакцинираните“ и за нив ќе важат „истите рестрикции како и за невакцинираните“