Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК и Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија денеска ќе го одбележат 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот со настан во изложбениот простор „Мала станица“ во Скопје.

Преку изложбен материјал, по принцип на времеплов ќе биде раскажана приказна за појавата на инсулинот, неговиот пат, научен развој, практична примена и неговото суштествено значење за луѓето со дијабетес. Ќе биде промовиран и едукативен видео-материјал насловен „Живот со дијабетес во училишна доба“, со појаснување што е дијабетес Т1 и како се менаџира оваа хронична состојба секојдневно кај децата. Станува збор за Whiteboard Animation Video подготвено од БАЛАНС МК, каде низ призмата на детската нарација е конципирано да даде информации и одговори на најелементарните факти за животот со дијабетес кај децата.

Најавени се обраќања на претседателот Стево Пендаровски, како покровител на настанот, министерот за здравство Венко Филипче, проф. д-р Зоран Гучев, раководител на Одделот за ендокринологија при Клиниката за детски болести – Скопје, доц. д-р Зорица Наумовска, вонреден професор на Факултетот за фармација, Диме Велев, претседател Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија и Наташа Деспотовска Димитриевска, претседател на БАЛАНС МК – Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија лани имало 7.432 новозаболени од дијабетес, а 1.365 починале од дијабетес мелитус.

Поедничено, во просек, како што објави МИА секое дете или лице со тип 1 дијабетес, годишно мора да биде боцнато во прстите околу 3.500 пати за да се измери нивото на шеќер во крвта што е основа во третманот за самоконтрола кај дијабетесот. Таа бројка, заедно со 1.500-те инјектирања со инсулин годишно заокружува околу 5.000 боцнувања. Ова е една меѓу низата трауми кои ги доживуваат лицата со дијабетес, додека истражувањата покажуваат дека 51 отсто од децата страдаат од нарушување на спиењето поради ноќни мерења и внесувања на корективни дози на инсулин, а 63 отсто од децата имаат барем една епизода на тешка хипогликемија за време на спиењето.

Новите бројки на Меѓународната федерација за дијабетес откриваат алармантен раст на застапеноста на дијабетесот. Вкупно 537 милиони возрасни луѓе ширум светот живеат со дијабетес.