Во период кога општеството е преокупирано со прашањето за промената на Уставот на Република Македонија, Катедрата по уставно право и политички систем на најдобриот Правен факултет во земјата, Правен факултет “Јустинијан Први” од Скопје, на јавноста и’ го претстави учебникот Уставно процесно право.

Ова дело е во авторство на проф. д-р Тања Каракамишева – Јовановска, проф. д-р Александар Спасеновски, доц. д-р Денис Прешова и д-р Дејан Савески, а негов издавач е Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” од Скопје.

Станува збор за пионерско дело кое покрива сосема нова научна дисциплина – Уставно процесно право. Поради својата уникатност и специфичност на материјата што ја проучува, оваа предметна содржина, заедно со Уставното право, многу брзо ќе го добие примарното место во наставните програми на Факултетот.

Европските интеграции неминовно ја засилија потребата од детални и најнови научни знаења од областа на уставното право на ЕУ, богатата пракса на Судот на правдата на ЕУ, сложените односи што постојат меѓу Судот за човековите права во Стразбур и Судот на правдата на ЕУ во Луксембург, како и влијанието на нивните судски пракси врз работата на нашите институции, посебно врз работата на редовното судство и македонскиот Уставен суд, информираат авторите. Според нив, денешните правници не смеат да си го дозволат „луксузот“ да останат „боси“ во знаењата поврзани со европското уставно право и европската судска пракса.

Правните стандарди и правила на ЕУ мора да станат и македонски стандарди и правила доколку сакаме побрзо да се движиме по европскиот пат. Уставната демократија е невозможно да функционира без материјалните и процесните претпоставки на заштитата на човековите права и принципите на уставност и законитост.

Нема уставна демократија без уставна правда, нема уставна правда без правно и процесно организирани активности и делување на уставните судови.

Вредноста на овој ракопис е голема, како од научен, така и од апликативен аспект.

Темите што се проучени во него се најважни прашања за функционирањето на еден правен систем.

Без нивно детално осознавање е невозможно да зборуваме за владеење на правото, за правна држава, за заштита на човековите права и за демократија.

Книгата за студентите, но и за пошироката јавност е достапна на следниот линк: https://bit.ly/3Vlcofq или www.ukim.edu.mk