Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја прошири постапката за случајот поврзан со судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд во Скопје, по интензивни истражни дејствија што се спроведуваат од средината на декември.
Од обвинителството информираат дека постапката започнала откако на 14 декември бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, по што биле преземени дополнителни истражни активности.
Во текот на истрагата биле обезбедени докази кои довеле до проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за кривично дело „противправно стекнување и прикривање имот“. Според сомневањата, имотот бил прибавен, меѓу другото, преку корупција и трговија со влијание.
Врз основа на наредба од надлежен суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на осомничениот судија. При претресот, во простор соѕидан во ѕид, биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека се незаконски стекнати и прикриени.
Од обвинителството наведуваат дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат и дека јавноста ќе биде навремено информирана за натамошниот тек на постапката.
Според официјалното соопштение, станува збор за една од најобемните истраги за сомневања за висока корупција досега во државата, поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Истражните дејствија, координирани од јавен обвинител, ги спроведуваат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, при што обвинителството ја истакнува нивната улога во обезбедувањето докази за, како што наведува, еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
