Американската војска ги пронајде остатоците на борбениот авион „Ф-35“, кој исчезна завчера откако пилотот се исфрлил од него над Јужна Каролина. Остатоците на авионот вреден 100 милиони долари се пронајдени во една рурална област.
Пилотот безбедно слетал со падобран во предградие на Чарлстон откако се катапултирал, а остатоците од авионот биле пронајдени североисточно од тамошната воена база, кажаа претставници на војската. Потрагата претходно се фокусираше на две езера северно од Чарлстон, каде што авионот последен пат бил виден и војската ја замоли јавноста да ѝ помогне во неговото лоцирање.
„Причините за несреќата моментално се истражуваат и затоа не можеме да дадеме дополнителни информации. Она што го знаеме е дека со авионот управувал автопилот откако пилотот се исфрлил од него, поради што некое време останал во воздух и тоа ја отежна потрагата“, изјави портпаролот на воената база во Чарлстон.
Во 2018, американската војска привремено ја приземји целата своја флота на „Ф-35“ откако еден авион се урна во Јужна Каролина.