Во полициска контрола во текот на ноќта, во два угостителски објекта во Скопје кај две лица била пронајдена марихуана. Лицата се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, соопшти Министерството за внатрешни работи. При претрес на дом и други простории во Скопје, пак, најдени се кокаин и екстази и е приведен 23-годишник од Кратово.
Акцијата ја спровеле полициски службеници од СВР Скопје – Единица за недозволена трговија во содејство со Единицата за интервентна полиција постапувајќи по акциски план за спречување на кривични дела по чл. 215 и 216 од КЗ на РСМ.
-На подрачје на град Скопје извршена е контрола во два угостителски објекта, при што е извршен преглед над дeсетина лица, од кои кај две лица е пронајдена марихуана. Лицата се лишени од слобода и против нив ке бидат поднесени соодветни кривични пријави. По дополнителни оперативни проверки од страна на полициските службеници добиени се дополнителни сознанија, по што, со обезбедена судска наредба, извршен е претрес на дом и други простории во Скопје, каде се пронајдени 10 паковки кокаин, 115 таблети екстази, една паковка прашкаста материја, вага и нож, информира МВР.
При претресот од слобода е лишен Д.А (23) од Кратово и против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 од КЗ на РСМ.
МВР соопштува дека засилените контроли продолжуваат и во наредниот период.