Продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити и во јуни годинава таа се сведе на ниво од 4,54 отсто, додека просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,84 отсто, информира Народна банка (НБ).
-Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јуни 2021 година изнесува 4,54 отсто и бележи месечен и годишен пад од 0,02 процнетни поени ( п.п.) и 0,26 п.п.. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,84 отсто, што претставува месечно и годишно намалување од 0,01 п.п. и 0,25 п.п.. Во јуни, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,03 отсто и оствари раст на месечно и годишно ниво, од 0,19 п.п. и 0,09 п.п.. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,53 отсто и забележа месечен и годишен пад од 0,14 п.п. и 0,11 п.п., соопшти НБ.
Во јуни, се додава во соопштението, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор е намалена за 0,03 п.п. на месечна основа и изнесува 3,65 отсто.
-Надолната промена се должи на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,02 п.п.) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,01 п.п.). Во споредба со јуни минатата година, оваа каматна стапка бележи пад од 0,28 п.п., прецизираат од НБ.
Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, во јуни, оствари месечен раст од 0,12 п.п. и изнесува 3,43 отсто. Според валутната структура, растот произлегува од зголемувањето на каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,51 п.п. и 0,22 п.п.), во услови на пад на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,49 п.п.). На годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,25 п.п.
-Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е непроменета во однос на претходниот месец и изнесува 1,16 отсто. Анализирано на годишно ниво, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,11 п.п. Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 0,51 отсто и забележа пад од 0,23 п.п. на месечна основа. Надолната промена во целост е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,41 п.п.), во услови на остварен раст на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,29 п.п.). Oвој месец, банките и штедилниците не примиле денарски депозити со валутна клаузула. Во споредба со јуни претходната година, оваа каматна стапка е зголемена за 0,08 п.п., истакнуваат од НБ.
Каматната стапка, пак, на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,33 отсто, при остварен месечен пад од 0,02 п.п.
-Падот, се должи на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п.), како и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,01 п.п.). Оваа каматна стапка е пониска за 0,30 п.п. на годишно ниво. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата забележа месечно зголемување од 0,03 п.п. и изнесува 4,64 отсто. Позитивното поместување во целост е резултат на растот на каматните стапки на кредитите со валутна клаузула (за 0,04 п.п.), во услови на намалени каматни стапки на кредитите без валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,12 п.п.). Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи годишен раст од 0,22 п.п., потенцираат од НБ.
Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, посочуваат, изнесува 0,80 отсто, што претставува месечен пад од 0,02 п.п. Месечниот пад се објаснува со намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п. и 0,01 п.п.), во услови на раст на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Во споредба со истиот месец минатата година, оваа каматна стапка е намалена за 0,27 п.п.
‒ Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е пониска за 0,11 п.п. во однос на претходниот месец и изнесува 0,53 отсто. Притоа, падот е резултат на намалувањето на каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,13 п.п. и 0,07 п.п.), во услови кога не се примени денарски депозити со валутна клаузула. Анализирано на годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата забележа пад од 0,32 п.п., се истакнува во соопштението од НБ.