Како што соопшти собраниската Прес-служба, Џафери изразил благодарност за личниот ангажман на амбасадорот Томан за зацврстување и унапредување на билатералните односи меѓу двете држави и посочил дека, очекува добрата парламентарна соработка да продолжи и со новата претседателка на Претставничкиот дом на Чешкиот парламент, Пекарова Адамова.

Од наша страна, нагласил Џафери, особено се цени континуираната и цврста поддршка што земјава ја добива од Чешката Република во евроинтеграцискиот процес.

Амбасадорот Томан укажал дека Чешката Република ќе претседава со Советот на Европската унија во втората половина на 2022 година, при што, како што нагласил, приоритет ќе даде на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.

Претседателот Џафери, врачувајќи му на амбасадорот Томан Признание за професионалната посветеност и напорна работа што ги вложи во градењето и унапредувањето на искрената и пријателска соработка меѓу двете земји, му посакал натамошен успех и среќа на личен и професионален план.