Британските метеоролози за денеска предвидуваа поројни дождови, но и покрај временските услови илјадници демонстранти се собраа во паркот Келвингров, во близина на местото на климатскиот самит на ОН. Тие ќе маршираат кон Глазгов Грин, уште еден парк во најголемиот град во Шкотска.
Се очекува вкупно 50.000 луѓе да повикаат на поамбициозна акција за климатските промени на крајот на првата недела од конференцијата, на која присуствуваа светските лидери во понеделникот и вторникот. Критичарите ги обвинуваат политичарите дека повеќе зборуваат отколку што дејствуваат бидејќи не ги исполнија ветувањата од КОП во Париз во 2015 година, кога првпат ветија дека ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови во нивните земји.
На митингот во Глазгов, лидерите се согласија да се запре уништувањето на шумите, да се намалат емисиите на метан и да се отфрли јагленот како извор на енергија, но активистите нагласија дека тоа треба да биде придружено со акција.
На протестите се присутни невладини организации како Светскиот фонд за природата (WFF) и британското Кралско друштво за заштита на птиците.
Стотици луѓе, исто така, денеска се собраа во Даблин, Белфаст и Лондон и други градови низ светот со цел да повикаат на поамбициозна акција. Мал собир се одржа и на Цветниот плоштад во Загреб.
– Планирани се вкупно 200 настани низ Велика Британија и светот, соопштија организаторите на Коалицијата КОП26.
Австралијците, од друга страна, излегоа на својот прв легален протест по укинувањето на рестриктивните мерки против Ковид-19 за да изразат незадоволство од климатските политики на нивната влада. Австралија е еден од најголемите производители на јаглен, а во своите стратегии не планира да го напушти.