Започна исплатата на „МојДДВ“ за четвртото тримесечје од 2025 година
Управа за јавни приходи ја информира јавноста дека започна исплатата на средствата за скенираните фискални сметки преку апликацијата МојДДВ за четвртото тримесечје од 2025 година.
Исплатата се реализира по обработка на налозите, при што средствата се префрлаат директно на трансакциските сметки на корисниците.
Над 924 милиони денари за повеќе од 526 илјади корисници
За К4 – 2025 година предвидена е исплата на вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ. До овој момент, реализирана е исплата од 184,5 милиони денари на сметките на околу 104.000 корисници.
Од УЈП посочуваат дека исплатата ќе продолжи континуирано, во согласност со динамиката на обработка на налозите.
Дел од корисниците со погрешни податоци за сметка
Во моментов, кај 5.292 корисници е евидентирана погрешно внесена трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата.
Од Управата апелираат корисниците кои сè уште немаат добиено средства да ги проверат и ажурираат податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ, со цел навремена исплата на повратот.
