Судот донесе одлука да се побараат податоци од базните станици за бројот на Љупчо Палевски Палчо, кој е обвинет за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Оваа одлука следи по барањето на одбраната, која истакна дека нема податоци за локацијата на бројот на Палевски, додека за останатите обвинети вакви информации постојат. Обвинителството, пак, смета дека оваа проверка е непотребна, бидејќи веќе доставиле докази за бројот на Палевски до судот.
Ќе се проверуваат и камерите од банка
Судот го прифати и барањето на одбраната за проверка на снимките од безбедносните камери на една банка, каде што, според одбраната, Љупчо Палевски Палчо бил на денот на убиството на Вања Ѓорчевска.
Обвинителството тврди дека на 3 декември 2023 година, во 10 часот наутро, возилото „рено кангу“, управувано од Палевски, а во кое се наоѓал и Велибор Манев, се вратило во седиштето на партијата „Десна“.
Адвокатот Јовица Страшевски истакна дека снимките од банката ќе покажат дали Палевски бил таму подолго време, што би можело да послужи како доказ за негово алиби.
„Не би ја барале таа снимка ако не направи разлика. Едно е кога е направена уплатата, а сосема друго е дали Палевски бил внатре претходно и чекал заедно со сведокот. Нашата цел е да докажеме дека тој поминал во банката најмалку дваесет, можеби и четириесет минути“, изјави Страшевски.
Дополнително, адвокатот посочи дека Обвинителството сè уште не извршило парафинска ракавица врз Палевски, со што би се утврдило дали тој користел оружје.
„Не е нормално во истрага да сомничите луѓе, а притоа да не проверите дали поседуваат легално оружје и дали имаат траги од барут на рацете. Ова до ден-денеска не е направено“, додаде Страшевски.
Сведочење на полицаец од СВР Велес
На денешното рочиште сведочеше еден од двајцата предложени сведоци од СВР Велес. Исказот на сведокот беше поврзан со пронајденото оружје при претресот во домот на обвинетиот Боре Видевски.
„При претресот беше пронајдена ловна пушка, како и патрони и куршуми од 9 мм. Сепак, пиштол ‘зброевка’ не беше пронајден“, изјави сведокот.
Дополнително, сведокот потврди дека сопругата на Видевски доброволно ја предала ловната пушка, патроните и муницијата.
Судењето продолжува – следуваат нови сведочења
На обвинителна клупа се:
- Љупчо Палевски
- Велибор Манев
- Боре Видевски
- Влатко Кешишев
- Александар Ѓорчевски
Во наредните рочишта, тие ќе сведочат за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кои беа пријавени како исчезнати на 24 и 27 ноември, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година во близина на Скопје и Велес.