Со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на  Македонија и Бугарија, кој се одржува вчера и денеска во Скопје, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница, а кое треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и тргање на бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Планирано е секоја недела состанок да одржува една од овие групи, кои секоја во својата сфера ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Министерството за финансии вчера и денеска е домаќин на бугарска владина делегација предводена од министерот за иновации и раст Даниел Лорер, кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими копретседава со првиот состанок на Работната група за економија, трговија и иновации.

Ковачевски вчера изјави дека е внесена нова динамика во разговорите со Бугарија и договорен нов пристап во разговорите, свртен на реални теми, додавајќи дека сите комуникации на двете министерства за надворешни работи се во фаза на работни документи.

– Сите комуникации кои нашето МНР ги има со МНР на Бугарија се во фаза на работни документи, меѓутоа доколку се дојде до одредено решение, коешто ќе биде прифатливо за двете страни, тогаш нормално тоа ќе биде комуницирано, согласно процедурите, законите и Уставот на државата кај нас, изјави Ковачевски, посочувајќи дека шефот на дипломатијата Бујар Османи имаше излагање за разговорите со Бугарија пред Комисија за надворешна политика во Собранието.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училишта во Прилеп, Ковачевски вчера нагласи дека целта на заедничката владина седница во Софија и формирањето на работните групи е реализирањето на новата динамика, која тој и Петков ја најавија.

Меѓу министерствата, исто така, ќе има комуниција според потребите, посочи Ковачевски, особено меѓу министерствата за одбрана, бидејќи и Северна Македонија и Бугарија се членки на НАТО.

Во меѓувреме известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук оцени дека новата Влада во Софија започнала добар процес за да ги зближи Скопје и Софија.

Според Ќучук, кој е и копретседател на либералната партија АЛДЕ, европратеник од ДПС/„Обнови ја Европа“, има тензија на историски, но не и на политички план. Тој рече дека работел со овие луѓе долги години и веќе ја има нивната доверба. Договорот меѓу двете земји од 2017 година, вели, го отвори евроатлантскиот пат за Северна Македонија.

Запрашан од бугарската Нова ТВ дали верува дека Бугарија треба да го укине ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, тој рече дека верува оти Бугарија треба активно да работи во рамките на правилата договорени меѓу двете соседни земји.

– Ќе биде голем пропуст на бугарската надворешна политика ако го дозволиме овој луксуз – Албанија да започне преговарачки процес, а Северна Македонија да се остави настрана, рече Илхан Ќучук.

Прашањата поврзани со членството на Северна Македонија во Европската Унија и тековниот дијалог со Бугарија, беше една од главните теми на вчерашната средба на специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуарт Пич со претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, го информирал Пич за напредокот на дијалогот меѓу двете земји и во тој контекст, претседателот се заблагодари за интересот и поддршката на Велика Британија за македонско-бугарскиот дијалог. Шефот на државата потенцирал дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со ЕУ ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан.

Заедничката комисија за историски и образовни прашања на состанок овој месец

Еден од главните причинители за застојот во односите изминатиот период беше токму атмосферата во историската комисија, која остана петтата работна група. Двајцата премиери и во Скопје и во Софија не одговараа директно на прашањето дали оваа комисија ќе претрпи промени, кадровски или организациски, но напоменуваа дека и таа ќе се приклучи на предвидената динамика на другите четири работни групи.

Ковачевски вчера изјави дека и од Комисијата за образовни и историски прашања очекува резултати и динамична работа. Посочи дека таа работи по своја методологија и вклучува професори по историја. – -Таму ветија дека ќе има нова динамика во наредниот период, со цел да дојдат до решенија, кои тие ќе можат да ги презентираат пред јавноста, додаде Ковачевски.

Копретседавачите, Драги Ѓоргиев од македонска и Ангел Димитров од бугарска страна беа присутни на меѓувладината седница минатата недела во Софија, а Ѓоргиев вчера во изјава за „Слободен печат“ истакна дека нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да очекуваме напредок во работата на заедничката комисија.

– Колку ќе се овозможи приближување на ставовите зависи и од двете страни, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците. Нема промена во реториката и во пристапот на бугарската страна и сѐ додека е тоа така, не очекуваме дека ќе има придвижување. Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но, тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување. Со постојанава реторика всушност се минираат исходите на средбите, вели Ѓоргиев.

Тој потврдува дека дека до крајот на мај е договорено да се одржат три средби. Претходниот договор, бил да се одржат до крајот на јуни, но на состанокот во Софија минатата недела било договорено да се скрати рокот, појаснува Ѓоргиев, за да може и Комисијата да даде свој придонес во новата динамика на односите на двете држави.

– На заедничките разговори неодамна во Софија со колегата Ангел Димитров се договоривме дека годишно можеме да имаме најмногу шест средби, затоа што и меѓу средбите имаме многу работа. Претходно бевме договорени да имаме по пет средби годишно, сега додадовме плус една, вели Ѓоргиев.

Следниот состанок на Комисијата ќе се одржи кон крајот на февруари во Софија, затоа што последната средба во живо беше во Скопје. Ѓоргиев вели дека сакаат колку може повеќе да се гледаат во живо, но тоа ќе зависи од состојбата со пандемијата.

Прашан за членот што недостасува во Комисијата, по заминувањето на професорот Ванчо Ѓорѓиев, копретседавачот на македонскиот тим најави дека деновиве ќе достават предлог до Министерството за надворешни работи, но оти Комисијата нема да е комплетирана до следната средба.

Бугарскиот копретседавач Димитров, пак, вчера во изјава за БНТ, обвини дека блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата се должи на како што вели „неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век“.

– Имаме искуство, знаеме што да очекуваме и пристапуваме со внимание и реализам, без посебни очекувања. Ние сме во средниот век, уште сме на материјата што се учи во основно училиште, се уште не сме стигнале до она што се учи во средно, а работиме три и пол години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата, смета Димитров.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Димитров вели и дека инсистирал разговорот за Гоце Делчев повторно да се отвори, при тоа изразувајќи жалење што тоа прашање ќе биде пред Мешовитата комисија по одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев.

Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.

Во врска со правата на граѓаните со бугарска самосвест во земјава, минатата година до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација бил доставен само еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство, изјави вчера претседателката на Комисијата, Весна Бендевска.

Таа истакна дека институцијата има високо ниво на самостојност и е важна во моментов, поради изјавите на припадници на бугарското малцинство во  Македонија кои велат дека им се загрозени правата а нема каде да се жалат.

Претседателката на Комисијата ги охрабри сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирано по кој било основ – етнички, родов, сексуален, политички и други основи, да поднесат претставка до Комисијата. Бендевска додаде дека работата на Комисијата има ефект, иако некои од дискриминаторите не ја признаваат институцијата, поради тоа што не ја разбираат нејзината надлежност.