Редовната координација, како што информираат од собраниската прес-служба, била во полн состав.

Џафери, на координацијата, замолил да се почитуваат здравствените протоколи како што се почитуваа и досега, за, како што се вели во соопштението, да се заштити здравјето на пратениците, на вработените и нивните семејства.

Пратениците се враќаат на работа во Собранието, на речиси месец и половина пред локалните избори.

Сега официјално на собранискиот сајт само на 1 септември (среда) има закажано три седници на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, како и седница на Комисијата за економски систем.

На комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, во второ читање, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, во второ читање, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, по скратена постапка, исто така во второ читање.

Комисијата за економски прашања ќе расправа за Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог – законот за изменување на Законот за метрологијата, Предлогот за изменување на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за занаетчиство, Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, сите во второ читање