Согласно планираните активности, во тек е втората фаза за расчистување на брегот на велешко езеро „Младост“ на потегот од Првата плажа накај Бродот „Панини“, а веќе е исчистено 30 проценти, информира денеска за МИА Ване Маневски, директор на Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес.
Механичко отстранување на сувите наслаги и трската од крајбрежниот појас на езерото „Младост“, се врши во соработка помеѓу ЈПВ „Лисиче“ – Велес и АД „Водостопанство“ со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Инаку активностите се изведуваа со механизација багер за раскопување сопственост на АД „Водостопанство“.
За реализација на активностите, обезбедена е вкупна финансиска поддршка од 6 милиони денари од Програмата за водостопанство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
-Работиме на ревитализација на езерото „Младост“, со цел подобрување на квалитетот на водата и дополнување на акумулацијата со свежа вода, потенцира Маневски.
Тој информира дека со подобрување на временските услови калта од крајбрежјето на езерото ќе се транспортира на обезбедена локација.
Воедно најави дека во тек се и подготовките за следната фаза за бушење на бунари околу езерото за дотур на свежа вода на езерото за негова ревитализација. Бушотините за бунари се планирани во реонот на Отовичка Река.
На крајот на минатата година во првата фаза за чистење на езерото „Младост“ се чистеше од другата страна на езерото, на потегот од крајбрежјето од Отовичката плажа па натаму.
