Први потврдени случаи на мајмунски сипаници во Македонија
Двајца пациенти, кои претходно биле упатени од Клиниката за кожни болести во ЈЗУ Институт за јавно здравје поради симптоми слични на Monkeypox (мајмунски сипаници), вчера лабораториски беа потврдени како првите случаи на оваа заразна болест во Македонија. Освен за Monkeypox, кај пациентите се правеле и испитувања за ХИВ, сифилис и херпес.
Брза реакција и координација на институциите
Од Институтот за јавно здравје информираат дека потврдата за Monkeypox била добиена преку три различни лабораториски методи. Веднаш по добивањето на резултатите, надлежните институции – Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективната клиника и други – биле известени и преземени се потребните протоколарни мерки.
На пациентите веднаш им било соопштено дека се позитивни, по што следувала епидемиолошка анкета од страна на стручните лица од Институтот. Анкетирањето е во тек и има за цел да обезбеди критични информации за следните чекори во управувањето со случаите и спречување на ширење на инфекцијата.
Препораки и апел за информираност
На заболените ќе им биде препорачано да се јават на Инфективната клиника, каде ќе добијат понатамошна медицинска грижа. Од ИЈЗ уверуваат дека ситуацијата се следи со зголемено внимание и дека се мобилизирани сите капацитети за справување со неа.
„Во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се преземаат сите потребни мерки“, се истакнува во соопштението. За јавноста се најавени подетални информации во текот на утрешниот ден.
Пред неколку месеци мајмунските сипаници беа актуелни во Косово.
Прв случај на мајмунски сипаници потврден во Косово
Д-р Даниловски: Информирајте се од релевантни извори
Познатиот епидемиолог, д-р Драган Даниловски, упати апел до јавноста да не подлегнува на шпекулации и гласини.
„Мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана во Македонија. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника“, вели тој, препорачувајќи граѓаните да се информираат преку веб-страницата на Институтот за јавно здравје или преку други официјални канали.