Првиот камион со гориво за Појасот Газа откога Израел воведе целосна блокада на палестинската енклава поради војната против Хамас почна да ја преминува границата Рафа, соопштија два египетски безбедносни извора. Израел одобри испорака на 24.000 литри дизел-гориво во Газа за камионите на ОН за дистрибуција на помош, но не и за болниците, изјави извор од хуманитарната помош.

Израел не дозволува испорака на гориво

Ограничени пратки со хуманитарна помош пристигнуваат од Египет во Газа од 21 октомври, но Израел не дозволува да пристигне гориво тврдејќи дека Хамас има доволно резерви. ОН во последните денови предупреди дека ќе мора да ги прекине хуманитарните операции, вклучително и дистрибуцијата на помош во Појасот Газа бидејќи резервите на гориво се потрошени. Горивото е потребно за болнички генератори и за снабдување со вода и дистрибуција на помош, а неговиот недостиг придонесе за големо влошување на условите за живеење на 2,3 милиона жители на Појасот Газа.

Првата пратка од 24.000 литри гориво ќе биде испорачана за два дена, 12.000 литри дневно, изјави извор запознаен со операцијата. Ова не е доволно за ништо, ниту за болниците ниту за делење помош, изјави изворот, кој сакаше да остане анонимен. Очевидци изјавија дека уште два камиона чекаат на египетската страна на граничниот премин Рафа за да преминат во Газа, но не се знае кога ќе ја преминат границата.