Аплицирање за студентски стипендии

Од денеска, 1 ноември, па до 15 ноември, студентите можат да поднесат апликации за стипендии за академската 2025/2026 година. Министерството за образование и наука објави дека конкурси се отворени за четири категории стипендии, а пријавувањето се врши исклучиво електронски преку платформата: www.e-uslugi.mon.gov.mk.

Нови стипендии за студии по македонски јазик

Првпат оваа година е распишан и Конкурс за 15 стипендии наменети за редовни студенти кои ќе се запишат на прва година на студиски програми по македонски јазик. Овие стипендии се доделуваат според Законот за употреба на македонскиот јазик и имаат за цел да ги поттикнат учениците од IV година на средното образование да се запишат на студии по македонски јазик.

Месечниот износ на стипендијата изнесува 6.050 денари, а студентите ќе ја примаат во текот на девет месеци од академската година. Списокот на добитниците ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука (www.mon.gov.mk).

Студентите можат да аплицираат само за еден вид стипендија од МОН и мора да ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.