Новите протоколи што ги предложи Комисијата за заразни болест и ги прифати Министерството за образование (МОН), а кои се однесуваат на физичкото присуство на учениците во училиштата од септември, наидоа на остри реакции кај родителите, кај дел од лекарите, а сега и кај психолозите, пренесе ПлусИнфо.

Одржувањето физичка дистанца од 1,5 метри во училниците, ходникот и во двориштето на училиштата, задолжителното носење заштитни маски на лицата, забраната за пуштање на климатизерите и вентилацијата, како и чекањето редици за во тоалет, како што е предвидено според новите протоколи, за психолозите е претерано и контрапродуктивно.

Плусинфо разговараше со психологот Ангела Будиноска, која вели дека строгите правила можат кај децата да предизвикаат оттуѓеност, недостиг на социјална и емоционална интелигенција, помалку емпатичност, како и отсуство на препознавање и одговор на сопствените и туѓите емоции.

-Да земеме едноставен пример каде што детето не смее да допира предмет кој бил во рацете на друго дете. Тешко, дури и невозможно е да се развие концептот на заедништво и споделување. Притоа, детето е на возраст кога треба да научи да споделува работи со другите. Тоа е вештина која детето треба да ја донесе во светот на возрасните, објаснува Будиноска.

Таа предупредува дека целосната насоченост на вниманието кон мерките може да предизвика анксиозност и страв кај учениците.

-Со повторното враќање на децата во училишните клупи, треба да се очекува нивна зголемена претпазливост и будност во однос на допирање предмети, физички контакт и миење раце. Сосема е во ред да бидат свесни за протоколите и да се придржуваат мерките. Но, исто така е важно децата да не се фокусирани само на одржувањето физичка дистанца, туку да се опуштат и да не бидат постојано загрижени за сѐ околу нив. Целосната насоченост на вниманието кон мерките може да предизвика анксиозност и страв, посочува Будиноска.