Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најави интензивирање на реализацијата на неколку капитални проекти на територијата на главниот град. Меѓу приоритетите се завршувањето на подземната сообраќајница во проектот „Лимак“, изградба на две нови училишни згради, нова противпожарна станица и активности за возобновување на Луна паркот.

Проектот „Лимак“ претставува еден од најкомплексните инфраструктурни зафати во Скопје, за кој сообраќајните студии предвидуваат намалување на гужвите во централното градско подрачје за најмалку 33 проценти.

„Лимак е еден од најзначајните капитални проекти во главниот град којшто по сите студии, сообраќајни за 33 проценти најмалку ќе го намали сообраќајниот метеж во главниот град, тоа е државнички потег и проект не е само градски. Е сега, Лимак, целта ни е, втората половина од наредна година, да го завршиме овој дел, фазата од Кисела Вода, таму содржи два кружните текови големи, рампата пристапна во тунелот и се останато, и напоредно да влеземе во процес со последната фаза, тоа е од кај Нова Македонија“, рече Ѓорѓиевски.

Паралелно со овие зафати, градоначалникот најави изградба на трета сообраќајна лента на влезот во главниот град од страната на општина Гази Баба, проект кој треба да стартува следната година заедно со крупни инвестиции во образовната инфраструктура.

„Тука би јас споменал третата лента на влезот на Скопје во Гази Баба, кој што исто така наредната година, ќе го правиме и уште еден сет капитални проекти. Многу е добро што предвидовме средства за брзо од денес ќе распишеме тендерска постапка после години, во градот Скопје ќе почнат паралелно да се градат две училишта. Едно ново училиште средно во Ѓорче Петров, едно училиште е во Драчево, тоа се руинирани стари бараки, ние треба многу да инвестираме во образованието и затоа имаме годинава капитални инвестиции како никогаш до сега во образованието“, посочи Ѓорѓиевски.

Во развојниот план е вклучена и изградба на нова современа противпожарна станица на локацијата Тромеѓе, како и конкретни почетни чекори за изградбата на новиот Луна парк.

„И еден од клучните проекти е нова противпожарна станица која што ќе биде на Тромеѓе, средства обезбедивме, земјиштето ни го предаде Владата. Веќе во катастар се направи промената и за брзо од денес ќе ја распишеме тендерската постапка, така да јас ќе бидам исто така градоначалник кој што ќе биде запаметен дека после многу, многу години изградил противпожарна станица во главниот град, изградил две училишта, го изградил Лимак и уште неколку клучни капитални проекти за главниот град. И тука би го додал и Луна паркот за кој што многу брзо од денес ќе почнеме со одредени активности“, истакна Ѓорѓиевски.