Концерт со десетици илјади луѓе на едно место може да предизвика вибрации споредливи со слаб земјотрес, покажало истражувањето на Геодинамичкиот институт при Националната опсерваторија во Атина, извршено за време на концертите на „Металика“ и „Ајрон Мејден“, како и за време на финалето на Евролигата во грчката метропола.

Според мерењата направени со специјални сеизмографи поставени во просторот на Олимпискиот стадион, концертот на „Металика“, на кој присуствувале над 80.000 луѓе, произвел вибрации што одговараат на локална магнитуда од околу 1,5. Тоа било речиси двојно посилно од вибрациите регистрирани на концертот на „Ајрон Мејден“, каде што измерената еквивалентна локална магнитуда изнесувала околу 0,9.

Од Геодинамичкиот институт претходно информирале дека со привремено поставена високочувствителна сеизмолошка станица ќе ги регистрираат и проучуваат микроскопските движења на тлото, предизвикани од десетици илјади посетители. Станицата работела за време на концертот на „Металика“ на 9 мај и на концертот на „Ајрон Мејден“ на 23 мај 2026 година.

„Анализата на податоците покажа дека концертот на ‘Металика’ произведе значително посилни вибрации во споредба со оној на ‘Ајрон Мејден’. Максималните регистрирани забрзувања беа околу 2,5 пати поголеми, додека вкупната сеизмичка енергија што беше измерена одговара на еквивалентна локална магнитуда од приближно 1,5 степен за ‘Металика’ и 0,9 за ‘Ајрон Мејден’“, наведуваат од институтот.

Сепак, научниците нагласуваат дека овие вредности не претставуваат вистински земјотреси, туку служат како корисен начин за мерење и споредување на интензитетот на вибрациите што ги создава публиката. Сеизмографите ги регистрирале и реакциите на фановите на одредени песни. Најсилна сеизмичка реакција на концертот на „Металика“ предизвикала „Moth Into Flame“, а на концертот на „Ајрон Мејден“ песната „Killers“.

Привремената сеизмолошка станица работела и за време на финалето на Евролигата меѓу Олимпијакос и Реал Мадрид, одиграно во затворената сала во Олимпискиот комплекс. Податоците покажале дека реакциите на навивачите, особено во клучните моменти и при доделувањето на трофејот, создале јасни сеизмички сигнали. Тие биле послаби од оние на концертот на „Металика“, но споредливи со вибрациите од концертот на „Ајрон Мејден“.

Од институтот објаснуваат дека истражувањето спаѓа во т.н. „сеизмологија на толпата“ и покажува дека сеизмологијата може да регистрира не само природни појави, туку и влијанието на човечката активност врз животната средина.