Вечерва нешто по 21:30 часот на градскиот плоштад во Штип се случи вооружен инцидент. Според неофицијални информации, биле вклучени двајца студенти од Турција.
Како што пренесува „4news.mk“, до конфликтот дошло во угостителски објект, каде што едно од лицата извадило огнено оружје и пукало кон другото. Инцидентот бил забележан од безбедносните камери во локалот, кои го фатиле моментот на пукањето.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека едно лице е повредено и со возило на итна медицинска помош било пренесено во Клиничката болница во Штип. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето кое пукало, како и за целосно расчистување на случајот.
Инцидентот предизвикал вознемиреност кај присутните граѓани, а кафулето каде што се случила пресметката било веднаш испразнето. Мотивите засега остануваат непознати, а повеќе информации од истрагата се очекуваат во наредните часови.
Извор: 4news.mk“