Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на експресниот пат Фариш – Дреново, делница долга 10,2 километри и вредна речиси 45 милиони евра.
Станува збор за значаен инфраструктурен проект што, како што истакна премиерот, претставува директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на регионот и целата држава.
– Овој пат е од витално значење и за Кавадарци, и за Прилеп, и за Битола, и за Ресен, и за сите општини од Пелагонија – изјави Мицкоски, додавајќи дека вложувањата се реални и транспарентни, а не како во минатото, кога парите „завршуваа во нечии џебови“.
– Овие средства не исчезнаа во провизии, тендери и фиктивни договори. Тие се преточени во реални, опипливи дела. Дојде време кога државата не е банкомат за моќници, туку мотор на развојот. Проектите повеќе не се рекламираат само на хартија, туку се градат на терен – порача Мицкоски.
Тој потенцираше дека денешната инвестиција е дел од поширока стратегија за изградба на инфраструктурата низ цела држава, во интерес на граѓаните и стопанството.
– Парите од граѓаните се враќаат назад кај граѓаните преку проекти, патишта, училишта, фабрики. Македонија се гради, чекор по чекор, делница по делница, проект по проект – изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека експресниот пат Фариш – Дреново е и симболична порака за новата насока во која се движи државата.
– Овој пат не е само обичен пат, туку порака – порака дека можеме и поинаку, дека ако се сака, се може. Ова е доказ дека Македонија нема да биде вечно во застој, како што беше во изминатите седум години – нагласи Мицкоски.
Ова е петти патен правец што е пуштен во употреба за време на само една година мандат на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.