Русија сака да ги подобри односите со талибанците во Авганистан, изјави рускиот претседател Владимир Путин во Душанбе за време на вчерашната посета на Таџикистан.

-Правиме се што можеме за да обезбедиме нормализирање на ситуацијата во земјата и се обидуваме да изградиме врски со политичките сили кои ја контролираат ситуацијата, рече Путин за руските медиуми.

Иако талибанците сè уште не се меѓународно признати, овие исламски милитанти владеат со поголемиот дел од Авганистан од летото 2021 година.

Посетата на Путин на Таџикистан, поранешна советска република, е негово прво патување во странство откако руските сили ја нападнаа Украина кон крајот на февруари.

За време на разговорите со таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон, рускиот претседател се осврна на „споделената одговорност“ за стабилноста во регионот. Русија има воена база во Таџикистан.

Путин денеска патува за Туркменистан, втората поранешна советска земја од Централна Азија.