Оттаму информираат дека секојдневно се вршени надзори и контроли, а на некои градилишта се затекнати работници и во периодот од 11 до 17 часот, кога е најтопло, и е забранета работа на отворено.

-На почетокот инспекторите наидуваа на повеќе случаи, но како што поминуваше времето, а нашите контроли продолжуваа, бројот на прекршоци на препораките за неработење во периодот од 11 до 17 часот беше се помал, информира за весникот ВЕЧЕР, директорката на ДИТ, Јована Тренчевска.

Таа вели дека во периодот од 29 јули до 6 август, за време на портокаловата фаза направени се 190 инспекциски надзори, претежно во градежништвото, но имало и во производството и во транспортот. Издадени се 39 решенија со наредба и 16 решенија за забрана за работа.

Надзорите се вршени до 11 часот, кога на работодавачите им се укажувало на препораките и им се давале решенија со наредба да се придржуваат кон нив, а по 11 часот на сите затекнати работодавачи, кои работат на отворено им се давани решенија со забрана за работа во временскиот интервал од 11 до 17 часот. На работодавачите, на кои инспекторите им давале решение или забрана, им бил правен контролен надзор. Извршен е 31 контролен надзор, при што е констатирано дека работодавачите ги почитуваат решенијата или забраните што им ги изрекле инспекторите.

Тренчевска посочува дека контролите се секојдневни и континуирани и покрај тоа што се работи со намален број инспектори, бидејќи од работа се ослободени постарите од 60 години, а дел се на годишен одмор. Таа додава дека лани инспекторите не користеле одмор.

Засилен ангажман на планот на обезбедувањето здрави и безбедни услови за работа на градежниците во периодот на високи температури имале и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП, како и Сојузот на синдикатите на Македонија -ССМ. Слободан Трендафилов, заменик-претседател на СГИП, вели дека биле во континуирана комуникација и соработка со синдикалните организации, претставниците на работниците за безбедност и здравје при работа, како и со раководствата во компаниите.

-Поплаките во врска со непочитување на законските обврски и препораки за работа, во услови на особено високи температури, кои стигнуваат до ССМ се од компании во кои работниците не се синдикално организирани во СГИП, а со тоа и не се соодветно обучени, информирани и оспособени за своите права од работен однос, вклучително и правата по основ на БЗР, вели тој.

Додава дека континуирано апелираат и бараат од работодавачите да ги почитуваат мерките за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа, а синдикалните претставници и претставниците на работниците за безбедност и здравје на работа се обучени, па секогаш кога се нарушени правата од закон треба да се обратат до работодавачот. Ако кај него не наидат на разбирање, неправилностите треба да ги пријават во ДИТ.