Претседателката Сиљановска-Давкова во посета на работилницата-шивална во Идризово

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, истакна дека работата е најдобра форма на ресоцијализација. Тој нагласи дека оспособувањето на осуденичките и осудените лица за занаети им обезбедува можност да се вклучат во општеството по излегувањето од затвор и да не се враќаат на криминалот.

„Работата е најдобра ресоцијализација. На тој начин што ќе оспособиме осудени лица или осуденички и ќе им дадеме занает, ние ќе им дадеме начин како кога ќе излезат од затворите да приходуваат за сопствениот живот, а да не се враќаат на криминалот“, рече Пандов. Тој нагласи дека веќе година и половина, откако е на функцијата, се работи на промена на пристапот во казнено-поправниот систем, бидејќи, како што посочи, „за жал сега доаѓаат да ја одлежат пресудата, а не да ја одработат“.

Денеска, Пандов заедно со претседателот на Затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која беше во посета на работилницата-шивална, што функционира во рамки на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје. Пандов посочи дека ова е историски момент, бидејќи првпат во историјата на Република Северна Македонија, претседател на држава доаѓа во посета за да види работно ангажирани осуденички.

Занаетот како клуч за интеграција и спречување повторување на криминал

„И тоа е голема чест и за затворскиот систем, за Управата за извршување санкции, за самиот затвор Идризово. И јас ќе ми дозволите повторно да го кажам она што го кажа и претседателката, а тоа е дека сум длабоко уверен, а сега после овие години и пол директорување во Управата имав можност да посетам неколку држави и повеќе затвори. Работата е таа којашто е најдобра ресоцијализација“, додаде Пандов.

Тој нагласи дека преку оспособување на осудените лица со конкретни занаети, им се дава можност по излегувањето од затворот да обезбедат средства за живот и да се интегрираат во општеството, без повторно да се враќаат на криминални активности.