Поддршка и заеднички студиски програми

Македонија и Египет започнаа конкретни чекори за интензивирање на соработката во високото образование и научните истражувања. На состанокот во Каиро, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, проф. д-р Мохамед Ајман Ашур, разговараа за формирање работни тела кои ќе дефинираат заеднички активности и студиски програми со двојни дипломи.

Работното тело ќе биде составено од претставници на ресорните министерства од двете држави. Тоа ќе ги прецизира конкретните активности за продлабочување на соработката и ќе разгледа можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи.

Фокусот ќе биде на високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со посебен акцент на компјутерско инженерство и земјоделство.

Реформи и развој во македонското образование

Министерката Јаневска ги презентираше промените започнати во високото образование во Македонија. Таа нагласи дека во тек е изработка на ново законско решение, а ефектите од реформите се очекуваат на среден рок од пет години.

Јаневска се осврна и на зголемениот буџет за наука, финансирањето на зголемен број научно-истражувачки проекти, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација, како и на иницијативата за основање на првиот државен научно-технолошки парк под надлежност на државата.

Министерот Ашур ги претстави предностите на египетскиот високообразовен систем и политиките кои овозможуваат забрзано напредување на универзитетите на меѓународните рангирања. Тој истакна дека работното тело ќе биде формирано во текот на овој месец, а веќе следниот месец ќе се одржи средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и на најистакнатите египетски универзитети, вклучувајќи го и Универзитетот во Каиро.

Ашур го сподели и националното искуство со научно-технолошки паркови и центри за извонредност, кое ќе биде од голема корист за Македонија во воспоставување слични инфраструктури.

Учествo на Глобалниот конгрес во Каиро

Министерката Јаневска, од вчера присуствува на Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал во Каиро. Таа ќе учествува на повеќе панел дискусии и ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.

Во текот на утрешниот ден, Јаневска ќе се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф, за да ги разгледа дополнителните можности за соработка помеѓу двете држави.