Правата на Бугарите во Република Северна Македонија не можат да бидат предмет на политичко пазарење и Бугарија нема да прифати никаква промена на тешко постигнатиот европски компромис, увери бугарскиот претседател Румен Радев во писмо до европските лидери испратено синоќа по седницата на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, на која се гласаше за Извештајот за напредокот на Македонија.
Радев во писмото го критикува Европскиот парламент, наведувајќи дека „загрижувачки е што почитувана институција како Европскиот парламент се декларира во категории од морална или специфично научна природа, како што се „идентитет“ и „јазик“, без законска основа и соодветни надлежности“.
Според него, „ваквите референци за „јазик и идентитет“ без конкретни дефиниции создаваат ризик од слободни толкувања, како оние што веќе ги прават нашите југозападни соседи со нивните претензии за вековен македонски идентитет“.
„Ја поздравувам одлуката на Европскиот парламент да ги отфрли тврдењата за „вековен македонски идентитет“ и да спречи нови обиди за промовирање на етноцентричниот националистички наратив на властите во Скопјe. Таквиот пристап создава конфронтација со другите етнички заедници во РМВ и со двата милиони бугарски граѓани (кои се и граѓани на ЕУ) од етничко потекло од територијата на денешна Северна Македонија“, се наведува понатаму во писмото.
Во него, Радев нагласува дека „во рамките на денешното гласање, усно беше предложено да се додаде појаснувањето „модерен“ (во современа смисла) пред македонскиот идентитет и јазик, што за жал не беше дозволено за гласање поради внимателно подготвени процедурални потези“.
„Недоразбирања предизвикаа и бројните нерегулирани средби на известувачот Вајц со политичари и експерти од РМВ (објавени дури откако беше поднесена јавна жалба за неправилности при подготовката на извештајот). Овие откритија покренуваат сериозно прашање во врска со интегритетот и транспарентноста во работата на некои европратеници и административни службеници“, нагласува бугарскиот претседател.